Крум Ефремов



Крум Ефремов


Др. Крум Ефремов е вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Украина од 04.03.2019 година. Тој е роден во Скопје, во 1970 година.


Професионален ангажман

Од 16 септември 2008 година е вработен во Министерството за надворешни работи, до 03 март о.г. како специјален советник на министерот, а претходно е државен советник и директор за економска дипломатија. Од 12 јули 1999 година до 15 септември 2008 година, работи во Министерството за трговија и во Министерството за економија. Во 2004 година станува државен советник за евро интеграции и меѓународна соработка. Од 05 септември 1992 година до 11 јули 1999 година работи во приватниот сектор во делот на меѓународниот маркетинг и надворешната трговија.

Во периодот помеѓу 2012 година и 2018 година беше Заменик национален координатор во Секретаријатот за соработка помеѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ(процес 1+16). Исто така бил член на македонските Комитети по Договорите за слободна трговија со ЕФТА земјите, Бугарија, Србија, Турција, Молдова, Хрватска, Албанија, Косово и Украина, во периодот 2002-2014 година. Од 2005 до 2009 година беше Претседател на Советот за заштита на потрошувачите на Република Македонија. 

Амбасадорот Крум Ефремов беше главен преговарач на нашата земја во преговорите за склучување на Договорот за изменување и пристапување кон ЦЕФТА-ЦЕФТА 2006. Беше претседавач/копретседавач на Поткомитетот за трговија, индустрија, царини и даноци, како и претседавач/копредседавач на Поткомитетот за внатрешен пазар и конкуренција, согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕЗ во периодот 2004-2009 година. Во периодот 2000-2003 година беше секретар и член на македонскиот преговарачки тим во процесот на пристапување на  нашата земја во Светската трговска организација.


Образование

Амбасадорот Крум Ефремов во 2009 година станува  доктор по економски науки на Универзитет св. Кирил и Методиј, Економски институт - Скопје со одбранет докторски труд на тема: ,,Ефектите од либерализацијата на мултилатералниот трговски систем врз земјите во развој“.  Во 2005 магистрира на Универзитет св. Кирил и Методиј, Економски факултет - Скопје, со одбранета магистерска тема  ,,Меѓународниот маркетинг како чинител за поттикнување на извозот“. Во 1996 година дипломира на економскиот факултет на Универзитет св. Кирил и Методиј, на насока Маркетинг и надворешна трговија. Во периодот 13.01-04.04.2003 година, го посетува курсот за трговска политика во Женева-Швајцарија, организиран од СТО Тренинг  Институтот. А во период 30.01-26.02.2005 година, ја посетува тренинг програмата за трговски преговарачи и администратори во Мастрихт-Холандија, организирана од Европската Комисија-Директоратот за Трговија и Европскиот Институт за Јавна Администрација.